Благовештение
Свето Благовештение попознат како Благовец — христијански празник. Се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 Април. Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Блошчојне, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден. Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвета Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка, но и со самиот Исус Христос и затоа се смета за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица станала Божја мајка. Овој ден се смета и за ден на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.