Библија (од грчки (τα) βιβλια, ’книги’, множина од βιβλιον, ’книга’, оригинално деминутив од βιβλος, што од друга страна доаѓа од βυβλος, со значење ’папирус’ од античкиот феникиски град Библос, кој го извезувал овој материјал за пишување) — зборник на свети книги. Често се нарекува и Свето писмо, Божјо слово, Божји збор, Божја реч, Божја книга, Света книга, Словото, итн.
Библија
Библијата се дели на два големи дела: Стар и Нов завет. Стариот завет, или Танак (תנ״ך) на хебрејски, се смета за света книга на Евреите, додека христијаните ги сметаат за свети и Стариот и Новиот завет. Христијаните ја изучуваат Библијата како своја нормативна книга, која дава насоки за животот. Во неа тие наоѓаат послание од Бога (Слово Божјо).
Библијата од времето кога била составена па сè до денес, е една од најпродаваните книги на сите времиња. Според бројот на печатени примероци, Библијата е на прво место во светот според Гинис (пет милијарди). Изворни јазици на кои е напишана Библијата се: хебрејски, арамејски (одредени делови) и старогрчки (коине). Бројот на писатели на Библиските книги изнесува повеќе од 40. Во однос на периодот на составување: првата книга од Библијата, Битие (Создавање; Прва книга Мојсеева), е напишана измеѓу 1445 — 1405 пр. н. е. од страна на Мојсеј, а последната книга од Библијата, Откровение, е напишана измеѓу 94 — 96 н. е. од страна на апостол Јован.