Свети Никола – заштитник на морињата

Свети Никола (грчки: Άγιος Νικόλαος) или Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски — се смета за заштитник на морињата. На христијанските бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето. На иконите Свети Никола се претставува со својата архијерејска одежда..

Живот


Свети Никола е роден е во Патара, Ликија, Мала Азија околу 270 година, како единствено дете на неговите родители Теофан и Нина. При неговото крстење го добил името Никола кое во превод значи народен победник. Како дете, со голем восхит пристапувал кон проучувањето на Светото писмо.

Свети Никола избавува од смрт тројца невино осудени (1888) од Илија Репин

Неговиот духовен живот го стекнал преку неговиот чичко кој исто така бил црковно лице, замонашувајќи се во манастирот Нов Сион. По смртта на своите родители, Никола го продал целиот свој наследен имот и парите од продажбата ги поделил помеѓу сиромасите. Додека бил свештеник во својот роден крај, се прочул со делата на својата милостиња. Христијаните веруваат дека му се јавил гласот на Господ кој му рекол: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3). Набргу потоа бил избран за архиепископ на градот Мира, денешна Турција.

Во времето на царот Диоклецијан и Максимијан, кога христијанското население било прогонувано, мачено и затворано, истото му се случило и нему. Со доаѓањето на власт на Константин I Велики, престанало и прогонувањето на христијаните кои во исто време добиле и рамноправно место во Римското Царство. Присуствувал на Првиот вселенски собор во Никеја, каде се залагал за воведувањето на светото тројство. Поради голема ревност го удрил александрискиот свештеник Ариј. По ова, тој бил оптужен за ерес, бил прогонет од самиот собор и му било забрането понатамошно присуство на собирите. Според христијанската традиција на Свети Никола му било одобрено повторно присуство на црковните собири, поради јавувањето на Бог на избраните архиери велејќи им дека сториле голема неправда.

Пренос на моштите


Базиликата Свети Никола во Бари, Италија, каде што се наоѓаат најголемиот дел од моштите на Свети Никола

На 26 август 1071 година Византија на чело со Роман IV (владеел во периодот од 1068 – 1071 година) била поразена во Битката кај Манцикерт во Мала Азија, со Селџуците предводени од султанот Алп Арслан. Битката завршила со пораз на Византијците, а Роман IV бил заробен. После оваа битка Византија привремено ја губи контролата врз поголемиот дел од Мала Азија. Византијците ја повратиле на кратко контролата врз Мала Азија за време на Алексеј I Комнин.

Во тоа конфузно време некои морнари од Бари ги зеле моштите на светецот од неговиот гроб во дворот на црквата во Мира и покрај негодувањата на тамошните православни монаси. Моштите биле пренесени во Бари на 9 мај 1087 година, каде се наоѓаат и ден денес. Постојат повеќе верзии за овој настан. Според некои кажувања одземањето на моштите било сметано како грабеж, според некои кажувања моштите биле земени откако Свети Никола се јавил на сон на некој свештеник од Бари и му наредил неговите мошти да бидат пренесени во Бари, Италија, кој во тоа време бил православен град под православен патријарх. Со текот на времето, делови од моштите биле разнесувани низ целиот свет. Денес во Бари постојат две цркви во негова чест, една католичка една православна.

Заштитник и светец


Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многупати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите. Во Германија, Холандија и Белгија се празнува како детски празник кога децата добиваат разни поклони во зависност од тоа кој колку бил послушен во текот на изминатата година. Заштитник на градот Амстердам, Руската федерација и Грција. Во грчкиот фолклор, Свети Никола се опишува како „Господар на морето“. Православната црква го смета за еден од најголемите и најпочитуваните светци. Градот Мира денеска го носи името Демре во Турција. Самите Турци Свети Никола го препознаваат како Неол Баба.

Во христијанскиот календар, Свети Никола се слави на 6 декември според новиот Грегоријански календар т.е. на 19 декември, според стариот Јулијански календар.

Свети Никола во Македонија


Црква посветена на Свети Никола во Свети Николе

Во Република Македонија, празникот Свети Никола се слави на 19 декември и на 22 мај како Свети Никола Летни.

  • Св. Никола е заштитник на градот Прилеп, согласно одлуката на општина Прилеп.
  • Градот Свети Николе на овој ден го прославува својот градски празник.
  • Во Бигорскиот манастир се чува делче од чесните мошти на Св. Никола.

Народни обичаи
Култот на Св. Никола е познат од VI век, а најстарото житие за него потекнува од IX век. Важел за заштитник на целото население и од целиот свет, поради што високо го ценат сите христијани. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, коишто како што стои во некои записи го викале “Ад’рбаба”, што значи јадар татко или голем татко.

Се верува дека луѓето ги штител од секакви неприлики, но сепак во народното предание најповеќе е запаметен како господар на водите, на морињата, а со тоа и заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив. Затоа, пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода. Во македонските народни преданија се раскажува дека еднаш кога патувал по вода бродот потонал, а тој шест недели поминал на една штица. За цело време се молел на Бога да го спаси, а Господ не само што го спасил, туку затоа што бил исполнет со верба кон Бога и што го молел го назначил за заштитник на морепловците. Во таа смисла Марко Цепенков запишал дека “Свети Никола је на морињата – да варди луѓето од талазите на морето да не се удаат”. Стефан Тановиќ, пак во записите на обичаи и верувања од Гевгелиско на едно место забележал дека овој ден се празнувал “поради дождови и поплави”, а на друго место дека го празнувале рибарите и морепловците, дека секогаш бил на вода и ги држел клучевите од седум извори за да не се удават луѓето, зашто кога би ја пуштил водата сите би се удавиле. На Дојранското Езеро, на овој ден рибарите не влегувале во чуновите, а и во Солунскиот Залив престанувал сообраќајот. И Е. Спространов во обичаите од Охрид забележал дека Свети Никола бил тој “шо и поиљвит морињата. Тога, каде да се најт гемија или пампур останвит таму макар, стрет море да је, ќе се заприт и ќе го држит (ќе го празнуват). Свети Никола е фенерлија, праит чудесиј”.

Во македонските народни песни Св. Никола е опејан како “Стар Свети Никола” кој може да го одмрзне и замрзнатото море, но и кој гради цркви и манастири: “Цркви гради Стар Свети Никола, /градил ги е од злато и сребро”. Стиховите, пак, од оваа песна во кои Св. Никола и се обраќа на златната рипка од дното на морето: “сребро, злато, цркви ќе дограда,/бесцен камен у олтар ќе става,/тебе рипке, курбан ќе те колам”, се во врска со обичајот да се јаде риба на празникот (особено на зимскиот прзник кој спаѓа во Божиковите пости) како и со обичајот во некои места за курбан да се готви риба-крап.

И во песната од зборникот на браќата Миладиновци се пее за делбата меѓу четирите светци: Св. Илија, Св. Никола, Св. Јован и Св. Петар: “На свети Никола што му паднало?/ Паднало му води и бродови, / му паднаа гемии по море, / он да имат, он да и повељат”.

И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како Св. Никола ги помага сиромасите, друг пат како добил два празника во годината. Така на пр. во една приказна запишана од ѓаконот Јосиф, од манастирот Пречиста Кичевска, објавена во цариградскиот весник “Новини” кон крајот на минатиот век, се раскажува дека едно време другите светци му завиделе на св. Никола затоа што многу бил почитуван и се поплакале на Бога. Бог ја примил поплаката и веднаш испратил два ангела да го повикаат св. Никола. Тие откако не го нашле по небото и по земјата го здогледале во стреде море како крепи една гемија готова да потоне. Му ја пренесле заповедта, а тој ги замолил да му помогнат да ја извадат ѓемијата на суво. Виделе-не виделе ангелите му помогнале, а потоа така накиснат и со искинати алишта го одвеле пред Господа. Тука во тој момент биле собрани и сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека ако сакаат да бидат почитувани како свети Никола треба да прават добри дела како што правел тој. Тогаш, се вели во оваа приказна, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, за свети Никола два, а за преподобниот Касијан кој најмногу го кодошел на четири години еднаш да му се празнува денот на 29 февруари.

Цркви посветени на Свети Никола


  • Манастир Свети Никола во Слепче, Демирхисарско
  • Манастир Свети Никола во Слепче, Прилепско
  • Црква Свети Никола во Велес
  • Црква Свети Никола во Скопје
  • Црква Свети Никола во Берлин
  • Црква Свети Никола во Амстердам
  • Црква Свети Никола во Љубљана
  • Црква Свети Никола во Талин
  • Црква Свети Никола (Прага)во Стариот град
  • Црква Свети Никола (Прага)на Мала страна
  • Црква Свети Никола во Крушево. Според кажување, градот Крушево го основале доселеници од Николица/Епир, на северната падина на Грамос. Затоа и црквата го носи името на големиот Светец Никола

Свети Никола во уметноста


  • „Не помагај, Боже“ (српски: Не помози, Боже) — српска народна приказна.
  • „Свети Никола“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески од 1988 година.
Споделете