Роден е во Јерусалим, од татко христијанин и незнабожна мајка. Името најпрво му беше Неаниј. По смртта на таткото, мајката го
воспита синот сосема во духот на римското идолопоклонство. Кога Неаниј порасна, го виде еднаш царот Диоклецијан и толку го засака, што го зеде кај себе во дворецот на војничка служба. А кога овој злочестив цар почна да ги гони христијаните, го одреди Неаниј да оди со еден одред војска во Александрија за во неа да ги сотре христијаните. По патот на Н
еаниј му се случи нешто слично како на Савле. Во третиот час од ноќта стана голем земјотрес, при што му се јави Господ и се слушна глас: „Неаниј, каде одиш и на кого стануваш?“ Во голем страв Неаниј запраша: „Кој си ти, Господи? Не можам да те познаам.“ Во тој миг во воздухот се јави пресветол крст, како од кристал, и од крстот дојде глас: „Јас Сум Исус, ра
спнатиот Син Божји“. И уште Господ му рече: „Со знакот што го виде победувај ги непријателите свои и мирот Мој ќе биде со тебе.“ Тој настан потполно го смени и го преврте животот на војводата Неаниј. Тој даде да му се направи онаков крст и место да појде против христијаните тргна на Агарјаните коишто тогаш удираа на Јерусалим. Како победник влезе во
Јерусалим и ѝ објави на мајка си дека е христијанин. Изведен пред судијата ги симна и ги фрли од себе појасот и мечот војводски за да покаже дека е војник само на Царот Христос.
После големи мачења беше фрлен во затвор, а таму повторно му се јави Христос и го крсти и му го даде името Прокопиј. Еден ден му дојдоа на затворскиот прозорец дванаесет жени и му рекоа: „И ние сме слугинки Христови.“ Обвинети за ова, беа фрлени во истиот затвор, па свети Прокопиј ги поучуваше во верата Христова, а особено за да го примат венецот на мачеништвото. Затоа во чинот на брачното венчавање, покрај боговенчаниот цар Константин и царицата Елена, се спомнува и свети Прокопиј. Оние дванаесет жени потоа беа
подложени на страшни маки. Гледајќи ја нивната храброст и маките што ги трпат, мајката на свети Прокопиј и самата поверува во Христа, па сите тринаесет беа погубени заедно. Кога беше изведен на губилиштето, светителот ги подигна рацете кон исток и Му се помоли на Бога за сите бедни и неволни, сиромашни и вдовици, а особено за Светата Црква, да порасне и да се спростре насекаде и Православието да свети до кончанието на светот. И од небото му беше јавено дека молитвата му е услишена. Потоа радосно ја положи главата под мечот и појде кај својот Господ. Свети Прокопиј пострада чесно во Кесарија Палестинска, на 8 јули 303 година.