Црква на Светите Климент и Пантелејмон
Црквата Светите Климент и Пантелејмон доминира на наоѓалиштето Плаошник. Црквата е изградена и осветена на 11 август 2002. година. Црквата Свети Климент и Пантелејмон е така наречена во чест на Свети Климент Охридски кој првобитно го изградил храмот на ова место и на Свети Пантелејмон на кого првобитно била посветена. За изградбата на црквата по проект на архитектот Тања Паскали Бунташеска, од Охридскиот завод и музеј, во што учествувале околу 200 стручни лица и градители, биле потрошени над 1 милион евра во најголем дел владини средства. Камен-темелникот на возобновената црква бил поставен во 2000. година, а обновувањето било по претпоставен изглед, врз темелите на старата црква, и како пример биле земени црквите од Охрид и неговата околина кои хронолошки припаѓаат на одредени фази на Св. Пантелејмон.
Светиклиментовиот гроб во новиот храм е на старата гробна конструкција, целиот под стакло, а над него има саркофаг од мермер во кој се наоѓа ковчежето со моштите на свети Климент.