Концерт на млади пијанисти во „Света Софија“ во Охрид

По повод големиот празник, а во чест на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, утре, четврток, 24 мај, во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид со почеток во 19,30 часот ќе се одржи традиционалниот концерт на растечката генерација македонски пијанисти.

Под раководство на проф. д-р Ана Гацева и проф. м-р Даниел Чуркоски, ќе настапат наградувани ученици на државните и меѓународни натпревари, кои се на почеток од своите професионални кариери.

По повод празникот, воведна реч ќе има проф. д-р Димитар Пандев, а ќе настапи и младиот актер Симон Јаковлев.

Претходно ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Светите Кирил и Методиј во градскиот парк во Охрид.

Влезот за концертот е слободен.

Споделете