Биографија на г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана

  Стефан, Архиепископот Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана, е роден на 1 мај 1955 година во село Добрушево – Битолско, како Стојан (Велјановски), во патријархално православно македонско семејство, како шеста рожба на неговите благочестиви родители Тале и Стојанка.
По завршувањето на основното училиште, есента 1969 година, се запишал во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје, која со успех ја завршил во 1974 година, а потоа студирал на Белградскиот Православен Факултет.

По дипломирањето, во 1979 година, Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква го поставил за професор во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“, а веќе идната година бил испратен на последипломски студии на Екуменско-патролошкиот институт „Свети Николај“ во Бари – Италија, на кој магистрирал во 1982 година.
По враќањето од Италија бил поставен за предавач на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, по предметите Свето Писмо на Стариот Завет и Патрологија, должност од која е избран за архијереј на Македонската Православна Црква.

Замонашен е на 3 јули 1986 година во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Охрид, хиротонисан е за епископ на 12 јули 1986 година во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје, како Митрополит Злетовско-струмички, а по поделбата на епархијата, именуван е за Митрополит на Брегалничката Епархија, со седиште во Штип.

Во наредните години, покрај работата на Православниот Богословски Факултет, бил главен уредник на весникот „Црковен живот“, а ги вршел и функциите ректор на Македонската Православна Богословија – Скопје, во периодот 1991 – 1999 година, и портпарол на Светиот архијерејски синод.

На Црковно-народниот собор, одржан на 9.10.1999 година, во Соборниот храм на древната Охридска Архиепископија „Света Софија“ во Охрид, бил избран, а на 10.10.1999 година востоличен како петти Поглавар на Македонската Православна Црква и оттогаш тој ја извршува должноста Архиепископ Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана, а истовремено е и надлежен архијереј на Скопската Православна Епархија.