Второзаконие (Петта книга Мојсеева) 1 глава[DE]

Прв говор на Мојсеј

1 Ова се зборовите што им ги кажа Мојсеј на сите Израелци, уште кога беа источно од Јордан, во пустинската рамнина спрема Суф, меѓу Фаран и Тофел, Лаван, Хацерот и Ди-Захав;
2а од Хорив, преку планината Сеир, до Кадис-Барнеа има единаесет дена пат.
3 На четириесеттата година, на единаесеттиот месец, во првиот ден од ме­сецот, им кажа Мојсеј на синовите из­раелски сѐ, што му беше заповедал Гос­под за нив.
4 Откако го порази аморејскиот цар Сихон, кој живееше во Есевон, и ба­шанскиот цар Ог во Едреи, кој живее­ше во Аштарот,
5 од онаа страна на Јордан, во земјата моавска, Мојсеј почна да го објаснува тој закон и рече:
Бог му заповеда на Израел да тргне
6 Господ, Бог наш, ни говореше на Хорив и рече: „Доста живеевте во таа планина;
7 свртете се и кренете, па одете во планинските предели на Аморејците и кај сите нивни соседи, во рамнината, по планините и по долините, и во јужните краишта и во приморската земја хананска, и во Ливан, дури до големата река, реката Еуфрат!
8Ете, ви ја давам таа земја, одете, земете ја земјата во наследство, која Господ со клетва им вети дека ќе им ја даде на предците ваши – на Авраам, Исак и Јаков, ним и на потомството нивно.“

Мојсеј поставува судии

9 И јас ви реков во она време: „Не можам сам да ве водам;
10 Господ, вашиот Бог, ве умножи, и еве, вие сте сега многубројни како ѕвез­дите небески:
11 Господ, Бог на предците ваши, нека даде да се намножите и илјадапати повеќе, отколку што сте сега и нека ве благослови, како што ви говореше!
12 Како ќе ги носам сам страдањата ваши, тежините ваши и расправиите ваши?
13 Изберете си од вашите племиња луѓе мудри, разумни и искусни, а јас ќе ви ги поставам за началници.“
14 Вие ми одговоривте тогаш и ре­ковте: „Тоа што го велиш е добро да го направиме.“
15 И ги зедов првенците на вашите племиња, мажи мудри и искусни, и ги поставив за началници над вас: илјада­началници, стоначалници, педесетна­чал­ници, десетначалници и за записничари во племињата ваши.
16 И им заповедав на судиите ваши во тоа време, и им реков: „Ислушувајте ги браќата свои и судете справедливо како брат спрема брат, а така постапувајте и со придојдениот кај него.
17 Во судот не правете разлика меѓу луѓето, ислушувајте го и малиот, и го­лемиот: не плашете се од никого, би­дејќи судот е Божји; а ако имате дело, кое е тешко за вас, обратете се до мене, и јас ќе пресудам.“
18 И во тоа време ви заповедав за сѐ што треба да правите.

Непослушноста на Израел на влезот од ветената земја

19 И откако тргнавме од Хорив, одев­ме по целата таа голема и страшна пустина, што ја видовте, по патот кон Аморејската планина, како што беше заповедал Господ, нашиот Бог; и стигнавме во Кадис-Барнеа.
20 Тогаш јас ви реков: „Вие стигнавте на Аморејската планина, која Господ, Бог наш, ви ја дава;
21 ете, Господ, Бог ваш, ви ја предаде оваа земја; одете и земете ја во владение, како што им рече Господ, Бог на вашите предци: не бојте се и не пла­шете се!“
22 Но вие сите дојдовте при мене и рековте: „Да испратиме пред нас луѓе, да ја разгледаат земјата и да ни донесат известување за патот по кој ќе одиме, и за градовите, во кои ќе влеземе.“
23 Ми се свидоа тие зборови, а јас зе­дов од вас дванаесет души, по еден човек од секое племе.
24 Тие тргнаа, се качија на планината, дојдоа до долината Ешкол, и ја разгледаа;
25 па зедоа во рацете свои плодови од земјата, ни донесоа, и нѐ известија, ве­лејќи: „Добра е земјата, што Господ, Бог наш, ни ја дава.“
26 Но вие не сакавте да одите и се оглушивте од заповедта на Господ, вашиот Бог,
27 и негодувавте во шаторите свои, велејќи: „Господ, од омраза спрема нас, нѐ изведе од земјата египетска, за да нѐ предаде во рацете на Аморејците и да нѐ истреби;
28 каде ќе одиме? Нашите браќа нѐ обесхрабрија, велејќи: оној народ е поголем и посилен од нас; таму гра­довите се поголеми и оградени со ѕи­дови до небеса, па и луѓе исполини видовме таму.“
29 Тогаш јас ви реков: „Не ужасувајте се и не плашете се од нив;
30 Господ, Бог ваш, оди пред вас; Тој ќе се бори за вас, исто онака, како што направи со вас во Египет, пред очите ваши.
31 И во оваа пустина, како што ви­довте, Господ, Бог твој, те пазеше, како што човек го пази синот свој, по целиот пат по кој минавте, додека стигнавте на ова место.“
32 Но и покрај тоа вие не Му верувавте на Господ, вашиот Бог,
33 Кој одеше пред вас по патот, за да ви одбере место, каде да запрете, ноќе со оган, за да ви го посочува патот по кој одите, а дење со облак.
34 И кога Господ ги чу зборовите ва­ши, се разгневи, и се заколна, велејќи:
35 „Никој од овие луѓе, од овој зол род, нема да ја види добрата земја, за која им се заколнав на предците нивни дека ќе им ја дадам;
36 само Халев, Јефунеовиот син, тој ќе ја види; нему ќе му ја дадам земјата, во која влезе, и на синовите негови, зашто Му се покоруваше на Господ.“
37 Господ се разгневи и на мене заради вас, велејќи: „И ти нема да влезеш та­му; 38Исус, синот Навинов, кој е при тебе, тој ќе влезе таму; него поткрепи го, бидејќи тој ќе му ја даде на Израел во наследство;
39 и децата ваши, за кои говоревте дека ќе станат плен на непријателите, и синовите ваши, кои засега не знаат што е добро, и што зло, тие ќе влезат таму; ним ќе им ја дадам, и тие ќе ја наследат.
40 А вие свртете и тргнете кон пустината, по патот кон Црвеното Море.“
41 Вие одговоривте тогаш и ми рековте: „Згрешивме пред Господ; ќе оди­ме и ќе се бориме како што ни беше заповедал Господ, Бог наш.“ И вие го опашавте секој своето бојно оружје, па се собравте и се искачивте на планината.
42 Но Господ ми рече – кажи им: „Не одете и не војувајте, зашто Јас нема да бидам меѓу вас, за да не бидете разбиени од непријателите ваши.“
43 И јас ви го кажав тоа, но вие не ме послушавте и ја престапивте Госпо­до­вата заповед и своеволно се искачивте на планината.
44 Тогаш излегоа против вас Амо­рејците, кои живееја по таа планина, и ве прогнаа, како што прават пчелите, и ве разбиваа од Сеир дури до Хорма.
45 Вие тогаш се вративте и почнавте да плачете пред Господ, но Господ не го чу плачот ваш и не ве послуша.
46 И останавте во Кадис многу време: колку што бевте таму.

Споделете